Русија и Украина со меѓусебни напади со дронови
Војната во Украина не запира. Интензивни напади долж фронтовската линија, Киев возвраќа со удари на руска територија. Зеленски бара светот соодветно да одговори на руската агресија. САД со закана дека ќе следуваат уште посилни санкции доколку Путин не седне на преговарачка маса...

Жестоки битки на истокот од Украина откако руските сили влегоа во Покровск, стратешки важен за контрола на Доњецк. Врховниот командант на украинските вооружени сили вели дека ситуацијата е комплицирана. Светот мора соодветно да одговори на руското војување, изјави претседателот Зеленски. Киев ноќеска нападна руски региони со беспилотни летала, на удар енергетската инфраструктура.
„Извозот на нафта е основа на руската ароганција. И ако санкциите се одржат и зајакнат, Русија ќе изгуби најмалку 50 милијарди долари следната година. Ова може да биде силен аргумент за Русија да има мотив да ја заврши оваа војна. Русите веќе размислуваат како да ги продадат своите претпријатија, особено во Европа, бидејќи тие нема да можат да работат“, истакна Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Путин може да се соочи со уште построги мерки од САД, доколку Москва не се согласи на прекин на огнот, вели американскиот амбасадор во НАТО.
„Русија навистина нема постигнато никакви стратешки придобивки во последните, речиси четири години од водењето на оваа војна, па затоа сега е време да се заврши. Претседателот Трамп ќе продолжи да врши притисок. Тој ќе продолжи да прави што е потребно за да ја натера Русија да седне на маса. Би предложил дека сега е време Русија да склучи прекин на огнот и да почне преговори за мировен договор“, изјави Метју Витакер, амбасадор на САД во НАТО.
Во екот на војната во Европа, нуклеарната реторика продолжува. Генералниот секретар на ООН предупредува на ризиците откако шефот на Белата Куќа сугерираше дека САД ќе продолжат со тестирање на нуклеарно оружје. Трамп му наложи на Пентагон веднаш да почне со нуклеарни тестови за да можат САД да држат чекор со Русија и Кина.
„Генералниот секретар постојано кажува дека моменталните нуклеарни ризици се веќе алармантно високи и дека мора да се избегнуваат сите дејствија што би можеле да доведат до погрешна пресметка или ескалација со катастрофални последици“, Фархан Хак, заменик-портпарол на генералниот секретар на ООН.
Од Кремљ го потврдија претходното предупредување од рускиот претседател Путин, кој рече дека Москва ќе ги продолжи нуклеарните тестови ако другите го сторат тоа. Речиси три децении ниту една од трите големи нуклеарни сили не спровела нуклеарен тест. Сепак, земјите продолжуваат да развиваат и да тестираат системи за испорака на нуклеарни боеви глави.
Маријана Димовска
