НБА ја одобри продажбата на ЛА Лејкерс за 10 милијарди долари

31.10.2025 10:12

Американските медиуми претходно објавија дека Волтер ќе го преземе клубот за околу 10 милијарди долари, што ја прави оваа зделка една од најголемите во историјата на спортот.

Управниот одбор на НБА едногласно ја одобри продажбата на мнозинскиот удел во Лос Анџелес Лејкерс на милијардерот Марк Волтер, извршен директор на холдингот TWG Global. Од лигата соопштија дека трансакцијата ќе се финализира наскоро.

Американските медиуми претходно објавија дека Волтер ќе го преземе клубот за околу 10 милијарди долари, што ја прави оваа зделка една од најголемите во историјата на спортот.

Волтер поседува и удели во неколку други спортски организации, меѓу кои ЛА Доџерс, ЛА Спаркс, тенискиот турнир „Били Џин Кинг Куп“ и новиот Формула 1 тим Кадилак, кој ќе дебитира следната сезона.

„Лејкерс се една од најзначајните франшизи во светот на спортот, со историја исполнета со извонредност и стремеж кон величина“, изјави Волтер, чие лично богатство се проценува на 6,1 милијарда долари, според „Форбс“.

ЛА Лејкерс се основани во 1947 година во Минеаполис, а во Лос Анџелес се преселија во 1960 година. Тимот има освоено 17 шампионски титули, само една помалку од Бостон Селтикс.