Локални избори 2025

Целосна реконструкција на улицата „50 Дивизија“ во Центар, најави Герасимовски

31.10.2025 17:13

Водевме фер, чесна и многу конструктивна изборна кампања, втемелена во програмата за следните четири години, вели кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ, Герасимовски. Тој најави целосна реконструкција на улицата „50 Дивизија“, со која ќе добие современ, функционален и безбеден изглед. Претседателот на СДСМ, Филипче, упати честитки до сите кандидати од неговата коалиција кои се вториот круг во вкупно 17 општини...

Водевме фер, чесна и многу конструктивна изборна кампања, која беше длабоко втемелена во програмата за следните четири години. Мојата програма не беше изборен памфлет, туку сериозен стратешки и политички документ составен врз база на остварливи ветувања и проекти за секој дел од Центар и за секоја категорија – вели кандидатот за градоначалник на Центар од СДСМ, Герасимовски.

Тој најави целосна реконструкција на улицата „50 Дивизија“, со која ќе добие современ, функционален и безбеден изглед. Проектот предвидува еднонасочно движење и ново коловозно решение, со што ќе се подобри протокот на сообраќај и ќе се создадат нови резидентни паркинг-места.

Претседателот на СДСМ Филипче упати честитки до сите кандидати од неговата коалиција кои се вториот круг во вкупно 17 општини. Покажаа што значи искрена борба, што значи директен контакт со граѓаните, покажаа што значи да се направат програми врз основа на сугестии, предлози на граѓаните од своите средини и навистина истрчаа, една добра кампања– рече Филипче. Тој искажа низа обвинувања на сметка на ВМРО-ДПМНЕ дека особено во општините каде СДСМ има свои кандидати вршеле притисоци, а се служеле и со закани. Филипче ги повика граѓаните да гласаат по сопствено убедување во општините каде СДСМ нема свои кандидати за градоначалници.

Граѓаните имаат шанса да изберат градоначалници кои ќе бидат со нив и после изборите. Луѓе кои работат за сите, кои ги знаат вистинските проблеми и имаат сила да ги решаваат. Затоа, мојата порака е јасна, гласајте за луѓе кои ќе бидат со вас и по 2-ри ноември, кои ќе работат во интерес на народот, а не на партиските централи“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Миле А. Ристески