„Клексан“ оди на позитивна листа – од идниот месец ќе се зема на рецепт
Се проширува позитивната листа. Два лека против згрутчување на крвта познати како „Клексан“, од идниот месец од аптека ќе се земаат на рецепт. Фондот за здравствено осигурување ја проверува листата на осигуреници, соопшти директор на ФЗОМ, Клековски, на денешната прес-конференција. Во фокусот лицата запишани по основ невработени…

Два лека против згрутчување на крвта познати како „Клексан“ од идниот месец од аптека ќе се земаат на рецепт. Се проширува позитивната листа. Цената допрва ќе се утврдува, од Фондот уверуваат ќе бидат со мала доплата. Досега пациентите за овие лековите, одеа на шалтерите на фондот за да им бидат рефундирани парите.
„Ќе следат и нови чекори, јас веќе најавив дека фокусот во оваа фаза се антикоагуланси, бидејќи со нив се третираат широк спектар на граѓани кои имаат потреба“, вели Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.
Фондот ја проверува листата на осигуреници. Во фокусот лицата запишани по основ невработени. Целта е да се намали ризикот од злоупотреби од луѓе кои работат во сивата економија и оние кои живеат и приходите ги остваруваат во странство.
„Се оштетува буџетот од луѓе кои можат да платат. И второ ние имаме број на осигуреници кој не е реален а ние исплаќаме капитации за матични лекари врз основа на тој број“, дополни Клековски.
Во проверка на листата на осигуреници вклучени се УЈП и полицијата.
Во Фондот за здравство има милион и 845 илјади осигуреници. Од нив околу 477 илјади се водат како невработени, бројка што отвора сомнеж за можни злоупотреби.
Андријана Ѓурческа
