Документарен филм за Љубиша Георгиевски премиерно на МРТ1 во сабота

01.09.2014 15:00

Животните искуства кои ги стекнал преку неговата богата кариера на драмски писател, теоретичар, професор и политичар, на атрактивен начин ги изнесува во овој ТВ формат, чиј дигитален запис ќе остане во архивата на МРТ како сведоштво за големиот придонес кој Георгиевски го има за развојот на современата македонска култура...

Во годината кога Љубиша Георгиевски, еден од нашите најуспешни театарски и филмски режисери одбележува 77 години живот и 55 години творештво, документарната програма на Македонската телевизија подготви емисија посветена на овој маркантен современ македонски уметник.

Во 45 минутното документарно интервју, Георгиевски се сеќава на детските години во Битола, на студентските години и на децениите посветени на филмската и театарската уметност, но, дава и свои коментари и осврти на значајни универзални теми и прашања.

Животните искуства кои ги стекнал преку неговата богата кариера на драмски писател, теоретичар, професор и политичар, на атрактивен начин ги изнесува во овој ТВ формат, чиј дигитален запис ќе остане во архивата на МРТ како сведоштво за големиот придонес кој Георгиевски го има за развојот на современата македонска култура.

Автори на документарниот филм се Соња Јаќовска-Самарџиева и Билјана Жеревска. Снимател е Слаѓан Милошевски, а постпродукцијата е на Владимир Анѓелов.

 

Документарниот филм за Љубиша Георфиевски ќе се емитува на МРТ1 во сабота, 06.09.2014