туризам

Зголемен бројот на странски туристи во Охрид

01.11.2025 16:02

Охрид забележа уште една успешна туристичка сезона. Иако ретко кој очекуваше, во текот на претсезоната и постсезоната беше надоместено пропуштеното во текот на летниот шпиц. Високите цени ова лето го намалија бројот на домашните туристи, но од друга страна според статистичките податоци забележано е зголемување на странските гости за над четиринаесет проценти споредено со минатата година...

Иако главната туристичка сезона на охридското крајбрежје мина под очекувањата, според оценките на експертите Охрид и годинава оствари успешна сезона. Слабостите во текот на летото беа компензирани во претсезоната кога бројот на странците се зголеми за 13,5 проценти споредено со истиот период лани, а постсезоната беше уште поуспешна, така што бројката на странски туристи споредено со 2024-тата во моментов е поголема од 14 проценти.

„Поради зголемувањето, драстичното зголемување на цените се забележа една стагнација во јули и август месец, но потоа тоа се неутрализира во онаа постсезона, крајот на август, септември и октомври. Сè уште трае сезоната, барем онаа сезона на културно мотивирани туристи“, изјави проф. д-р Климент Наумов од Факултет за туризам и угостителство Охрид.

Пројавените слабости во текот на туристичките сезони можат да се надминат со формирање на локални, регионални и национална туристичка организација, вели Наумов.

„Ќе можат во тек да ги следат состојбите, квантитативно и квалитативно, да ги испитуваат, односно да ги опсервираат и да можат да носат одредени решенија и одлуки коишто ќе бидат научно втемелени и ќе може во тек на сезона, предсезона и постсезона да се делува со поенти“, вели проф. д-р Климент Наумов од Факултет за туризам и угостителство Охрид.

На тој начин ќе се влечат информации директно од терен. Како пример би ги посочиле неевидентираните посетители, кои не се дел од аранжмани и за нив да се осмисли добра понуда за што е можно повеќе да се зголеми потрошувачката.

Сашо Нелоски