20.000 првачиња за прв пат во училишните клупи

01.09.2014 15:13

Околу 700 ученици од населбата Драчево првиот час го почнаа во ново училиште. Свечено беше пуштен во употреба новиот објект на основното „Рајко Жинзифов“...

Со песна и игра почна новата  учебна година. Најсреќни беа првачињата кои за прв пат седнаа во училишните клупи. Иако им годеше вниманието дека се големи и тргнале на училиште, на првиот час ретко кој седеше мирен. Најмалите беа највозбудени. За прв пат се сретнаа со соучениците, ја запознаа и својата учителка.

Додека учениците беа на час, родителите и најблиските возбудено ги чекаа првите впечатоци.

„Возбудени сме и среќни, второ прваче ни е... Да соработуваат со наставниците бидејќи тоа е многу важно...“, велат анкетираните родители.

Од денеска основниците од прво до трето оделение ќе учат по реномираната „Кембриџ програма“. Учениците денеска ги добија книгите по математика и природни науки, адаптирани за нивната возраст. Преку практични примери ќе ги учат лекциите. Според министерот Адеми ова е една од најкрупните инвестиции во образованието.

„Оваа година од прво до трето, училиштата во програмата веќе ги имаат предметите Математика и Природни науки, а следната година продолжуваме со четврто, петто и шесто оделение“, рече министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми.

Околу 700 ученици од населбата Драчево првиот час го почнаа во ново училиште. Свечено беше пуштен во употреба новиот објект на основното „Рајко Жинзифов“. Во него се сместени 35 училници, 5 кабинети, библиотека, а во дворот игралиште за кошарка и одбојка, фудбалски терен и атлетска патека.

„Денес отвораме врати на нашата визија конкретизирана во новиот лик на општинското основно училиште Рајко Жинзифов, симбол на македонско- кинеското пријателство“, изјави градоначалничката на Кисела Вода, Биљана Беличанец Алексиќ.

Стариот објект на училиштето беше изградено по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1964 – та. Старите и дотраени бараки не нудеа достојни услови за држење на настава.

Објектот на новото училиште се простира на површина од 4.000 квадратни метри. Станува збор за донација од НР Кина, а целата инвестиција чини околу 4 милиони евра.

Во училиште годинава тргнаа 280 илјади основци и средношколци.

 

Викторија Тодоровска