Украина

Русија продолжува со нападите низ Украина

01.11.2025 12:02

Русија продолжува со нападите низ Украина. Нови жртви и повредени во Полтава, Дњепропетровск и Чернихив. Делови од Суми и натаму без струја по руските удари врз енергетската инфраструктура.

Пентагон соопшти дека може да ѝ обезбеди на Украина ракети „Томахавк“ без да ги загрози американските залихи, но конечната одлука останува на Трамп, кој претходно ги наведе залихите како причина за неиспраќање ракети со долг дострел за Киев. Додека се чека одлуката од Вашингтон, Русија продолжува со нападите низ Украина. Нови жртви и повредени во Полтава, Дњепропетровск и Чернихив. Делови од Суми и натаму без струја по руските удари врз енергетската инфраструктура.

„Ние сме добро, не сме повредени, но нашиот дом е оштетен“, изјави Валентина, локална жителка.

Жестоки борби се водат и на фронтот во клучниот источен град-Покровск. Москва тврди дека украинските сили се опколени, Киев демантира-ситуацијата е тешка, но руската пропаганда е неточна.

„Ситуацијата во Покровск е тешка. Околу 170.000 непријателски војници се концентрирани во таа насока-навистина многу, но нема промени во градот. Има руси, но тие се уништуваат, постепено се уништуваат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Додека Москва јавува за пресретнати десетици украински дронови, Киев обелодени дека украинската разузнавачка управа извршила специјална операција и го онеспособила клучниот руски нафтовод „Колтсевој“ кој ги снабдува главните индустриски центри во Русија. Кремљ засега без коментар.

„Од почетокот на годината, имаме 160 успешни напади врз постројките за производство на нафта и рафинирање на нафта. Од септември и октомври годинава, 20 постројки“, изјави Васил Малиук, шеф на украинската безбедносна служба.

Во истовреме Украина соопшти дека ја усогласила работата со западните сојузници за 19-иот пакет санкции за Москва, и дека Брисел веќе го подготвуваат следниот.

 

Бојана Крстевски