Се гласа и во казнено-поправните установи
Ден пред вториот круг на локалните избори, своето право на глас го користат лицата коишто се наоѓаат на издржување затворска казна и притвор. Во Затвор Куманово гласањето тече тековно и без проблеми.

Непречено и без проблеми се одвива гласањето во казнено поправната установа Затвор Куманово. На вториот круг од локалните избори, овде право на глас имаат 79 осудени и притворени лица. За разлика од првиот круг, бројот на гласачи е намален, односно изнесуваше 116.
Гласањето се одвива во неколку групи затвореници, коишто ги спроведува затворската полиција. Од избирачкото место информираат гласањето започнало навреме, се одвива без проблеми и прекини.
„Гласањето почна во 07 часот, досега тече мирно. Ќе работиме до 19 часот. Излезноста е 31 до 12 часот, од 79 гласачи. Нема никакви прекини се е во ред“, истакна Џемаил Бајрами, заменик претседател избирачко место 1137.
Гласовите од избирачкото место ќе се достават до општинската изборна комисија, и нивно број ќе се собере со резултатите од утрешното гласање. Во Куманово денеска се гласа и во старскиот дом, вкупно 42 корисници. Правото на глас ќе го искористат и вкупно 212 болни и немоќни лица во домашни услови. Бројот на овие лица е зголемен за разлика од првиот круг. Гласањето за нив е поделено во две групи, во рани утрински часови и попладне поради празникот. Куманово и годинава е општина со најголем број гласачи, вкупно право на глас на овие локални избори имаат 94 041 лице. Правото на глас ќе се остварува на 164 локации.
Елена Георгиевска
