Србија

Комеморативен собир за годишнина од трагедијата на железничката станица во Нови Сад

01.11.2025 16:25

Во Нови Сад комеморативен собир. Се одбележува годишнината од падот на настрешницата на железничката станица кога загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено...

Денес е ден на жалост во Србија, прогласен од владата на вчерашната седница. Во Нови Сад се одржува комеморативен собир на кој уште од вчера илјадници студенти и граѓани дојдоа да го обележат овој тажен чин пред година дена кога со паѓање на настрешницата зад мене на железничката станица загинаа 16 лица. Почит кон жртвите беше оддадена во цела Србија, а патријархот Порфирије одржа парастос за настраданите на кој присуствуваше претседателот Александар Вучиќ.

Во Нови Сад во организација на студентите над 100.000 луѓе учествуваа во комеморативниот собир и шеснаесетминутната тишина. Фамилиите на починатите и граѓаните положија венци и запалија свеќи, оддавајќи почит кон настраданите. Мајката на еден починат, Дијана Хрка најави штрајк со глад.

„Преполно е со емоции и не можам да верувам, и денес тоа што се случи нема да го заборавиме“, изјави студент на медицина.

„Тажно е ова, младост, не знам што да кажам, тешко е!“, изјави ветеран.

„Горда сум што има толку луѓе, а од друга страна кога имаше 16 минути молк имав неопислива тага, не можам да сфатам да 16 лица тогаш загинаа. Но пораката е дека љубовта дефинитивно ќе победи“, изјави девојка на собирот.

„Студентите ќе знаат како понатаму, а на нас е да ги следиме идеите на тие млади луѓе кои го разбудија овој народ и солидарноста, емпатијата, разбирањето и љубовта кај луѓето“, изјави Тихомир Станиќ.

Од трагедијата помина една година, период во кој падна владата, беа приведени двајца министри, почна политичка криза, се одржаа бројни блокади и протести на факултетите и градовите, но и протести на подршка на политиката на Вучиќ, и две незавршени истраги-едната за корупција, другата дека за трагедијата е виновна струката.

Студентите бараат избори со своја изборна листа и најавија дека борбата продолжува.

Претседателот Вучиќ во вчерашното обраќање изрази жалење за тоа како се обраќал кон студентите во претходниот период и најави свој собир во Нови Сад.

Оливер Бранковиќ