Вељаноски-Шир: Да се интензивираат економските односи помеѓу Македонија и Канада

01.09.2014 15:30

Билатералните односи Македонија –Канада ги карактеризира позитивен и динамичен развоен тренд, потврдија спикерот на македонскиот парламент Трајко Вељаноски и Ендру Шир, претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада кој е во официјална посета на Македонија. Продолжува канадската поддршка за македонските евроатлански интеграции...

Одлични и динамични билатерални односи, но акцент да се стави на интензивирање на економските и на директните канадски инвестиции во земјава, констатираа Шир и Велјаноски по средбата.

Била истакната и исклучително важната улога што ја има парламентарната дипломатија односно соработката на двата парламента на сите нивоа. Шир и Вељаноски посветиле посебно внимание и на македонската дијаспора во Канада, која претставува своевиден мост во билатералните, политичките, економските и културните врски.

„Односите помеѓу Македонија и Канада се силни, не само поради тоа македонската заедница која живее во Канада, туку и поради силните односи помеѓу двата Парламента“, изјави претседателот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада, Ендру Шир.

За Вељаноски посетата на Шир на Македонија е значаен чекор во натамошниот развој на парламентарната соработка, но и вкупните билатерални односи на двете држави.

„Јас лично уште еднаш изразив благодарност за принципиелниот став на Канада, која го признава и користи нашето уставно име во билатералните односи како и за нејзината силна поддршка за Македонија во процесот на евроатланските интеграции“, истакната претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски.

Канада и Македонија се пријателски земји кои споделуваат исти вредности како посветеност на глобалната безбедност и желбата да се унапреди демократијата, владеењето на правото, религиозните слободи и човековите права. Како посветен партнер во НАТО мисиите официјална Отава ја поддржува евроатлантската интеграција на Македонија. Ендру Шир се обрати и пред пратениците во македонското Собрание.

Високиот гостин од Канада посетата  ја почна со полагање цвеќе на Споменикот на паднатите херои за Македонија. Тој беше примен и од Претседателот Иванов.

 

Лидија Чакар