Превентивните мерки против жолтица во училиштата се почитуваат
Училишното ѕвонче го означи почетокот на новата учебна година, а учениците денеска ќе ја извршат и најважната задача- да ги измијат своите раце на првиот училишен ден...

Има доволно средства за дезинфекција во училиштата, мерките за заштита од жолтица се почитуваат. Рацете секогаш пред јадење ги мие десет годишната Ивана која учи во петтото оделение во основното училиште „Љубен Лапе“. За неа хигиената е најважна.
„Хигиената е многу важна, посебно сега кога има жолтица ... Ќе ги почитуваме правилата“, велат анкетираните ученици
Превентивните мерки се почитуваат, вели директорката Секуловска. Првата дезинфекција е на влезната врата.
„Освен генерално чистење на училиштето, поставивме дезинфекциони крпи на влезните врати. Првиот час учениците ќе го посветат на хигиената, на совети за здравјето за да не дојде до ширење на заразата“, изјави Вангелина Секуловска, директор на ОУ „Љубен Лапе“.
Бројот на деца во градинките не опаѓа. Градинката „Буба Мара“ згрижува околу 300 деца. Хигиенско- санитарните мерки се засилени. Се прави и три пати неделно дезинфекција на играчките.
„Поради тоа што имаме посебни препораки заради прогласената епидемија на жолтица, преземавме позасилени хигиенски мерки во просториите, сантарните јазли и во кујните“, вели д-р Катерина Кикерковска - градинка „Буба Мара“.
Тимовите на здравствен дом веќе од среда редовно ќе ги посетуваат училишните и предучилишни установи.
„Превентивните тимови од Здравствен дом заедно со тимовите од Јавно здравје, од здравствен и санитарен инспекторат од среда на терен максимално ќе се вклучиме во потенцирање на препораките и улогата на превенцијата“, изјави д-р Тања Баевска Вучковиќ, Здравствен дом Скопјe.
Досега од жолтицата се заразија 51 лице во Штип и 82 во Скопје.
Дијана Ценевска
