Македонија одлична дестинација и за авантуристички туризам
Претставници на 15 најголеми тур-оператори од Северноамериканскиот континент и од Западна Европа кои што нудат пакет аранжмани за авантуристички туризам и новинарски екипи на најпознатите светски медиуми специјализирани за туристички патувања се во петдневна обиколка на Македонија. Нивните првични оценки се дека нашата земја има извонредни услови за развој на овој вид туризам...

Авантуристичкиот туризам е конципиран врз три компоненти. Првата е насочена кон физички активности во рамките на одморот, втората како начин на запознавање со културното наследство и историјата на земјата која се посетува, а третата е откривање на природните убавини. Македонија е идеална за развој на овој вид на туризам поради што е дел од турата „Недела на авантури-Западен Балкан“.
„Од мојот неодамнешен престој тука можам да истакнам дека Македонија е одлична дестинација за авантуристички туризам. Сметам дека властите тука имаат концепт за успешно реализирање на плановите за промовирање на авантуристичкиот туризам на големиот северноамерикански и западноевропски пазар“, вели Крис Дојл, Извршен директор за Европа на Меѓународната асоцијација за активен туризам.
Најголемите тур-оператори што работат со активен туризам на пазарите во САД и Западна Европа веќе се решени да ја стават Македонија во својата понуда како атрактивна дестинација.
„Тие ќе ги посетат местата каде што ќе ги почуствуваат активностите во природа, т.е. авантуристичкиот дух,потрагата по адреналин, како летање со параглајдери, планинарење, алпинизам и така натака. Ќе има еден микс од култура и природа“, рече Кристијан Џамбазовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Ваквите форми на туризам, како што рече Крис Дојл, гледано од економски аспект носат повеќе заработувачка за разлика од другите видови туризам,бидеќи секој турист што решил да посети некоја земја, за ваков вид патување ќе треба да престојува повеќе денови.
Сашо Нелоски
