Трамп не размислува за испраќање ракети „Томахавк“ во Украина
Трамп засега не размислува за обезбедување ракети „Томахавк“ за Украина. Зеленски бара оружјето со долг дострел, кое е, како што вели, клучно за возврат на интензивните воздушни напади врз украинските градови. Испораките на оружје за Украина не придонесуваат за решавање на конфликтот, став на Кремљ…

Војната во Украина продолжува со несмален интензитет. Регистрирани жртви и повредени во нападите со балистички ракети и беспилотни летала. Десетици илјади жители останаа без струја по руските напади во регионот Запорожје. Украинскиот претседател вели дека Берлин го исполнил договорот за зајакнување на воздушната одбрана на Украина со ракетни системи „Патриот“.
„Украина сега има повеќе „Патриоти“. Сакам да му се заблагодарам на канцеларот Мерц, на Германија и на сите што помагаат, нашите договори се исполнети. Секако, ни требаат повеќе системи низ целата територија на државата за да ги покриеме клучните инфраструктурни објекти и нашите градови, и ќе продолжиме да работиме за да ги добиеме“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
САД засега не разгледуваат договор со кој проектили со долг дострел „Томахавк“ би биле испратени во Украина, вели американскиот претседател. Трамп не размислува ниту за нивна продажба на членки на НАТО, кои потоа би ги префрлиле во Украина, за да не ескалира војната.
„Засега не размислувам за тоа. Сепак, би можел да се предомислам. Ова е тешка војна за Путин, тој изгуби многу војници, можеби милион. Беше тешко и за Украина. Ние решивме осум војни, мислев дека оваа ќе биде полесна од некои од некои други, но не е така“, Доналд Трамп, претседател на САД.
На дипломатски план и натаму ништо конкретно. Од Кремљ велат дека во овој момент нема потреба од средба Путин-Трамп. Изјавата доаѓа по објавите за организација на самитот меѓу двајцата лидери, кој треба да придонесе за напредок во мировните преговори.
Катерина Бојаџиева
