Извоз

Македонија може да ќари од санкциите на Русија кон Западот!

01.09.2014 16:47

Возвратните санкции на Москва кон Западот – шанса за домашните компании да го зголемат извозот во Руската Федерација...

Свежо овошје и зеленчук, преработките од нив, грозје и вино, кондиторски производи. Ова се адутите со кои домашните компании можат позасилено да влезат на рускиот пазар, да го зголемат извозот во оваа земја од 30 до 40 проценти,  и да извлечат ќар од трговската војна меѓу Москва и Западот.

„Се отвори една голема можност за домашните производители да ги пласираат своите производи на еден голем пазар, каде што се уште не сме доволно присутни, а нуди огромни можности“, изјави Васко Ристовски, Стопанска комора на Македонија.

Од Комората со апел до производителите и трговците – да ги почитуваат договорите и да не пробуваат да ги надувуваат цените, затоа што постои опасност да пропадне бизнисот. Препорачуваат рускиот пазар да се освојува со квалитет.

„Моменталната ситуација во Русија е таква што се бара голема понуда од наша страна, особено на грозје и слива. Нашиот квалитет веќе е докажан и имаме извезено големи количества. Од воведувањето на забраната ние добивме многу нови партнери кои чекаат на нашата понуда“, смета Даниела Илиева, директор за продажба во откупен центар.

Фактот што се уште немаме договор за слободна трговија со оваа земја не прави помалку конкурентни во однос на соседна Србија, но ова е и шанса да се излобира за олеснет извоз.

„До Руската Федерација е доставена нова листа на производи за кои треба да има намалување на царината. Ова се производи за кои ние, како македонска страна, бараме да имаат пониска царина. Сега се надеваме дека ќе се успее на еден побрз начин да се намалат царините“, изјави Дејан Бешлиев, Македонско – руска стопанска комора.

Лани, трговска размена меѓу Македонија и Русија изнесуваше 195 милиони долари, со голем дефицит на наша страна. Ваквиот тренд продолжи и во првата половина од годинава. Сега, откако Русија како контраодговор воведе едногодишна забрана за увоз на храна од ЕУ и од САД, се отвора нова можност за македонските компании. Доколку ја искористат, може да се очекува и размената да стане поизбалансирана.

 

Мартин Пушевски