Димитриевски освои трет мандат во Куманово
Максим Димитриевски освои трет мандат во Куманово. Победата на градскиот плоштад ја прослави со коалициските партнери од кои доби поддршка. Вети исполнување на програмата, обнова на тимот, но и анализа за ниската излезност. Со 1.300 гласови разлика тој славеше над независниот кандидат Горан Стојковски.

Актуелниот градоначалник на Куманово, кој е и претседател на движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, оствари победа во вториот круг. Димитриевски се избори за трет мандат со поддршка на коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди. Тој го победи независниот кандидат Горан Стојковски-Диро со разлика од 1.300 гласови. Вети ќе продолжи да работи за градот и ЗНАМ да се етаблира на политичката сцена.
„Сето она што беше реализирано досега во најмала рака ќе биде двојно, збогатено со многу нови проекти за нашиот град, да им ја подобриме животната состојба на граѓаните, условите во коишто живеат, а секако ќе се посветам и на поголем економски раст на Куманово“, истакна Димитриевски.
За ниската излезност од само 34 отсто, Димитриевски рече дека ќе се анализира.
„Ниската излезност е повеќе од јасно дека граѓаните негодуваат, дополнително сметам дека имаа одреден број граѓани кои однапред сметаа дека победникот е познат, како и да е таа ќе биде предмет на анализа“, дополни тој.
Неговиот противкандидат Стојковски информираше дека освоените гласови ги обврзуваат да продолжат понатаму. За што дополнително ќе ја информираат јавноста.
Елена Георгиевска
