Локални избори 2025

ВМРО-ДПМНЕ со 55 градоначалници, ВРЕДИ девет, СДСМ шест

03.11.2025 10:49

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе управува со Градот Скопје и со уште 54 општини, покажуваат конечните резултати од двата изборни круга на локалните избори 2025. Зад неа следуваат коалицијата ВРЕДИ со девет градоначалници, СДСМ со шест, НАИ со четири, а Движењето ЗНАМ и Унијата на Ромите со по еден градоначалник. Во една општина победи независен кандидат, додека во четири ќе се спроведе нова изборна постапка поради недоволен цензус...

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе управува со вкупно 55 општини, вклучително и со Градот Скопје, покажуваат резултатите од двата круга на локалните избори 2025 година.

Втора по број на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет градоначалници, додека коалицијата на СДСМ ќе раководи со шест општини. НАИ доби четири општини, а Движењето ЗНАМ и Унијата на Ромите по една. Една општина ќе ја води независен кандидат.

Во вториот круг, што се одржа вчера, се избираа градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, додека во првиот круг на 19-ти октомври беа избрани 44.

Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше – нема избрани градоначалници поради недоволен цензус, па таму ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.

Ова се осми локални избори во земјата, на кои граѓаните избираа градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје, со учество на 22 партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури.