Локални избори 2025

Излезноста на локалните избори падна под 50% – најниска од независноста на земјава

03.11.2025 12:56

Овие осми локални избори се одликуваат со најмала излезност досега – ниту во првиот, ниту во вториот круг граѓаните не надминаа 50% од гласачите.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), на првиот круг од локалните избори 2025 за градоначалници, одѕивот изнесувал 48,30% од вкупно 1.832.415 регистрирани избирачи. Во вториот круг, обработени 98,26% од гласачките места покажуваат излезност од 40,46%, додека првичните неофицијални податоци ја покажуваат на 41,24%.

Највисока излезност во вториот круг имале општините Росоман (79,68%) и Лозово (77,85%), додека најниска во Куманово (35,70%) и Шуто Оризари (32,03%). За изборот на градоначалник на Скопје, излезноста изнесувала 35,33%, при што Карпош (50,52%) и Центар (47,59%) бележат највисок одѕив, а Сарај (12,27%) и Чаир (14,15%) најнизок.

Историјата покажува дека излезноста на локалните избори е во опаѓање: највисока во првиот круг била во 2013 година – 67%, а на вториот 65%. На овие избори четири општини – Гостивар, Центар Жупа, Маврово и Ростуше и Врапчиште – не постигнале потребен цензус и ќе следи нова изборна постапка.

Првите локални избори се одржале во 1996 година, кога одѕивот бил 60% во првиот и 51% во вториот круг. Оттогаш, бројот на кандидати за градоначалници се движел од најмногу 683 во 1996 до најмалку 257 во 2017 година, додека излезноста генерално бележи пад во секој следен изборен циклус.