Мирно и без инциденти утрово, по тензична ноќ пред српското Собрание
Мирно е денес пред Собранието на Р. Србија, сè уште се присутни силни полициски сили. Дијана Хрка, мајка на починат од Железничката станица во Нови Сад го продолжува штрајкот со глад …

Одвреме навреме се собираат помали групи граѓани, студенти и средношколци во знак на подршка на една од мајките на починатите во трагедијата во Нови Сад, Дијана Хрка.
Синоќа откако таа пред Собранието сакаше да го започне штрајкот со глад, се случија инциденти и беше тензично меѓу поддржувачите на политиката на Вучиќ кои беа во шаторите пред Собранието и од друга страна студентите и граѓаните кои го поддржуваа штрајкот со глад на Дијана Хрка и се противат на политиката на српскиот претседател.
„Дојдов овде да штрајкувам со глад бидејќи нашето обвинителство не си ја работи својата работа, бидејќи никој не е процесуиран, никој досега не одговараше и никој не е во притвор. А се апсат невини деца и се претепуваат невини граѓани“, изјави Дијана Хрка, мајка на починат од Железничката станица во Нови Сад.
Две групи граѓани – едната што ја поддржува Дијана Хрка, а другата кај шаторите поставени пред Собранието, се судрија синоќа во неколку наврати, преку полициските кордони што ги разделуваа.
Пластични шишиња, петарди и факели летаа од двете страни на кордонот, неколку беа фрлени меѓу шаторите, кои се наоѓаа во жаргонски наречениот Чациленд.
Од таму група на лица пееше песни и скандираше слогани со поддршка на српскиот претседател, додека друга група го навредуваше Александар Вучиќ.
Српскиот претседател се огласи и апелираше до сите да останат смирени и да се воздржат од насилство, додавајќи дека „сето тоа е очекувано после саботниот дебакл во Нови Сад“. Се огласи и опозицијата.
„Зад мене е зградата каде некогаш се наоѓаше Народното Собрание. Ги повикувам сите политички партии да веднаш го напуштат Собранието, нема потреба да учествуваме во привидот на политичкиот живот и треба сите да се сме на улица со граѓаните“, изјави Срѓан Миливојевиќ, претседател на Демократската странка.
Полицијата соопшти дека уапсила 37 лица кои ги предизвикале инцидентите, а граѓаните утринава протестираат пред полициските станици каде се наоѓаат уапсените.
Меѓу уапсените е и Владимир Штимац, познат српски кошаркар кој е во притвор и кој е обвинет за насилно уривање на уставниот поредок.
Оливер Бранковиќ
