Македонија

Локалните избори донесоа нов политички амбиент, се напушта праксата за гласање по етнички курс

03.11.2025 14:42

Владејачките партии однесоа победа, опозициските пред темелно преиспитување, и кадровски и на внатрепартиски. ВМРО - ДПМНЕ и ВЛЕН слават, во СДСМ паднаа првите оставки по поразот. Овие локални избори донесоа нов политички амбиент, Кичево и Брвеница се доказ дека се напушта праксата за гласање по етнички курс...

Политичките аналитичари се едногласни дека локалните избори донесоа промени во вкупниот политички амбиент во кој се истиснува етничката гетоизација, а се наметнуваат политичките групации со слична идеолошка основа кои ќе се трудат да ги надминат етничките бариери. Овие избори не беа само локални, тие ќе влијаат на тоа како во иднина ќе изгледа политичката сцена.

ВМРО-ДПМНЕ однесе голема победа, коалицискиот партнер „Вреди“ ја потврди доминантноста во албанскиот политички блок, „Левица“ доби ветер во грб да се етаблира повисоко на политичката сцена. Опозициската СДСМ со голем пораз и потреба кадровски да се преиспита, слично на ДУИ која очигледно по изгубените гласови треба да се соочи со целосни партиски реформи.

Сега, велат аналитичарите, станува депласирано опозицијата да бара предвремени парламентарни избори, треба да се свртат кон себе, а избраните на избори да ги реализираат ветувањата, бидејќи тоа го очекуваат граѓаните.

Миле А. Ристески