Здравство

Почна имунизацијата против грип со комерцијални вакцини, чинат 700 денари

03.11.2025 14:34

Почнува вакцинирањето против грип со комерцијални вакцини од по 700 денари. Според Министерството за здравство, интересот за вакцинација против сезонски грип континуирано расте …

Граѓаните кои не припаѓаат во ризичните категории, а сакаат да се заштитат од сезонскиот грип, можат да примат вакцина во центрите за јавно здравје низ државата. Почна имунизацијата со комерцијалните вакцини кои чинат 700 денари. Обезбедени се 2.400 вакцини, од нив 1.000 дози достапни се во Центарот за јавно здравје – Скопје. Интересот е голем, во текот на денот се вакцинирале околу 200 граѓани.

„Луѓето доаѓаат, има интерес има и метеж затоа што е прв ден. Во споредба со ланската година, сите дози што ги имавме испорачано сите ги потрошивме, дури имаше потреба, покасно да се вакцинираат против грип. Мислам дека ќе ги потрошиме сите количини што ги имаме на залиха, бидејќи се 80.000 од Министерството за здравство, голем е интересот и за овие со наплата“, вели д-р Љуљзиме Бајрами – епидемиолог во Центарот за јавно здравје.

Имунизацијата против сезонски грип стартуваше минатиот месец. Граѓаните што повеќе години ја практикуваат оваа вакцина, имаат позитивно искуство. Велат, зимата ја поминуваат без проблеми.

„Се вакцинирам од безбедносни причини, да не се разболам од грипот и да не им пренесам на внуците. Со комерцијалните се вакцинирам.“

„Шеста година се вакцинирам, штитат, не сум настинал од тогаш.“

„Делува, ако се разболиш полесно ќе поминеш.“

„Минатата година добро поминав, со мала настинка“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Според лекарите – вакцината штити од тешки компликации. Има 80.000 бесплатни дози наменети за ризичните категории. Досега се заштитиле над 32.000 граѓани.

Почна сезоната на грип. Досега регистрирани се 244 случаи, најмногу болни има во Гостивар.

Андријана Ѓурческа