ДИК ги објави првичните резултати, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на локалните избори
ДИК ги објави првичните резултати од локалните избори. Одѕивот бил околу 50 проценти. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата однесоа победа во 55 општини, ВЛЕН во четири, СДСМ во три, во по една градоначалници добија Унијата на Ромите, „Знам“ и НАИ. Во Струга во градоначалничката фотелја ќе седне независниот кандидат Менди Ќура. Над 19 илјади неважечки гласачки ливчиња, повеќе од половина во метрополата.

Со 55 освоени градоначалнички мандати, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на локалните избори. Партијата што ја предводи Мицкоски, освои 13 градоначалници повеќе во однос на минатите изборите. Орце Ѓорѓиевски е новиот градски татко на Скопје, убедливо го победи против кандидатот на Левица Амар Мециновиќ.
Коалицискиот партнер во Владата – ВРЕДИ доби 9 градоначалници, додека социјалдемократите се позиционираат на третото место на изборната листа со освоени 6 мандати. Ахмети и Националната алијанса за интеграција кои признаа изборен пораз ќе мора да се задоволат со 4 градоначалници. Лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски доби нова шанса да управува со Куманово. Унијата на Ромите победи во Шуто Оризари со Дудуш, а во Струга независниот Ќура. Во изборната трка, победа однесоа 4 жени. За два месеца од сега, ќе има и прегласување во Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово-Ростуше бидејќи не беше постигнат цензус во овој изборен циклус.
За да можат да ги преземат функциите, победниците треба да почекаат и официјално да поминат и роковите за приговори. До ДИК може да се доставуваат приговори по два основа, за процесот на гласањето и за сумирањето на резултатите.
Бидејќи тројца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ Бети Стаменковска – Трајковска, Јане Мицевски и Дејан Продановски станаа градоначалници, ДИК донесе одлука нивните места да ги пополнат следните на листата. Па така во собраниските клупи ќе седнат Александра Николовска, Мартин Стојановски и Мито Андонов.
Анита Димитријевска-Велковска
