ВМРО-ДПМНЕ со победа во 54 општини и Градот Скопје

Мицкоски: Народот покажа зрелост, победата е обврска за уште повеќе работа

03.11.2025 16:19

Победите на кандидатите во Кичево и Брвеница се доказ дека единството е посилно од поделбите, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Со 54 општини и Град Скопје, владејачката партија однесе убедлива победа. Најави почеток на нова ера со работа и обединување …

Со освоени 55 општини, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник на локалните избори. Народот покажа зрелост, а довербата на граѓаните е наша одговорност и обврска за уште попосветена работа, рече во обраќањето од партиската говорница, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Особено горд на победата на Орце Ѓоргиевски во Скопје, на Александар Јовановски во Кичево и Јовица Илиевски во Брвеница, посочи дека победиле соживотот и вербата во вредностите, важен пример за како што рече, колку може да се постигне кога ќе се обединиме. Мицкоски со порака до политичкиот противник Филипче, не се радувам на изборниот пораз, но СДСМ треба да се реформира.

Благодарен за довербата која ја доби од скопјани, новиот градоначалник Орце Ѓоргиевски најави посветена и транспарентна работа. Од четврток кога и официјално ќе го добие уверението, ќе почне со реализација на ветеното. Чисто Скопје за 72 часа, обнова на јавните претпријатија, но и ревизија на работењето на Данела Арсовска.

Во Кичево победата на доктор Александар Јовановски се славеше до доцна во ноќта. Тој доби 2.000 гласови повеќе од Фатмир Дехари, кој помина три мандати на градоначалничката функција. Порача дека ќе стави крај на етничките поделби, а Кичево ќе стане град на напредок.

Новите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, ветија посветена и чесна работа, но и реализација на ветеното. Претседателот на партија Мицкоски им порача да не се забегува во победата, туку да се оправда одговорноста дадена од граѓаните.

Викторија Милевска