Собрание

Русопулос со обраќање пред пратениците во Собранието

03.11.2025 17:58

Тројца од пратеничките клупи заминаа во градоначалничките фотелји. Им престанува мандатот, изјави спикерот Гаши. По еден месец пауза народните избраници се вратија на работа. Го слушнаа обраќањето на Русопулос-парламентарното собрание на Советот на Европа продолжува да ја поддржува Македонија на евроинтегративниот пат-порача од говорницата...

Советот на Европа ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија и го следи напредокот на земјата, ова го истакна претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Теодорос Русопулос од собраниската говорница во македонското Собрание.

Посочи дека 75 години по потпишувањето на европската конвенција за човекови права и 30 години по приклучувањето на Македонија кон Советот на Европа, приказната за Европа продолжува. – Секоја генерација мора да испише свое поглавје, не за да го смени мислењето, туку за да го одржи во живот ветувањето, ветување дека законот ќе ги заштити слабите а дека вистината ќе ја надживее пропагандата, дека ќе остане човечкото достоинство и ќе биде мерка за цивилизација, рече Русопулос.

Осврнувајќи се на геополитичките случувања, Русопулос рече дека демократијата ја губи својата емоционална гравитација и порача дека мора да се анимира демократијата, а Советот на Европа ќе остане местото за дијалог.

Игор Панов