Клучниот сведок на Заев сведочеше во корист на Груевски
Иако повикан да сведочи во корист на СДСМ, екс претседателот на УО на Јака Радовиш рече дека водачите на двете најголеми политички партии ги знае од медиумите, но никогаш не остварил ниту телефонска ниту тет-а-тет средба...

Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини не ги познава ни Груевски, ни Заев. Не договарал мито од милион и пол евра за продажбата на Македонска Банка. Иако повикан да сведочи во корист на СДСМ, екс претседателот на УО на Јака Радовиш рече дека водачите на двете најголеми политички партии ги знае од медиумите, но никогаш не остварил ниту телефонска ниту тет-а-тет средба.
„Бев непријатно изненаден кога ме повикаа да сведочам. Не се познавам ниту со Заев, ниту со Груевски. Со премиерот се немам видено никогаш во животот. За Македонска банка не сум разговарал со него, бидејќи немаше потреба. Акциите се продадоа на берза, на која можеше да ги купи кој сака. Постојат брокери кои го работат тоа. Продавачот не го знам и не знам кој е сопственик на акциите, а тоа не сум ни можел да го знам. Тужителот не го знам, ниту некогаш сум го познавал“, изјави Нини.
Сведокот потврди дека не го познава ниту Ден Дончев кого лидерот на опозицијата го посочи како посредник во наводната малверзација. Адвокатите на Заев, не се изненадени од ваквото сведочење.
„Ние никаде не тврдиме и никој не тврдел дека тој договарал со господинот Груевски давање на поткуп или било што. Ние тврдиме сосема спротивно, тоа лице за кео тврдиме дека давало не го избрале за доказ и не сакаат да го изберат како доказ“, рече Мирослав Вујиќ, адвокат.
На подготвителното рочиште адвокатскиот тим на Заев го предложи Нини како клучен сведок, но штом судот ја одби аудио снимката како доказ, бранителите на Заев побараа Стефановиќ сепак да не биде сослушан. Зоран Заев меѓу двата изборни круга тврдеше дека поседува аудио снимка која според него беше доказ дека премиерот Груевски земал мито од милион и пол евра за продажба на Македонска банка. Заев поднесе кривична пријава до обвинителството која не беше прифатена. За нарушен чест и углед, Груевски бара отштета од половина милион евра.
Анита Димитријевска
