Тензии меѓу САД и Венецуела
По зголемените тензии со САД, венецуелскиот претседател потврди дека се во секојдневна комуникација со руската влада. Мадуро го обвини Трамп дека создава лажен наратив за да ги оправда нападите во крајбрежјето на земјата и да наметне промена на режимот. Од почетокот на септември, американските сили извршија неколку напади врз бродови за кои се сомневаат дека се занимаваат со трговија со дрога во Карибите и Источен Пацифик...

Не стивнуваат тензиите на релација САД – Венецуела. Доналд Трамп ја минимизираше можноста за војна, но посочи дека деновите на Николас Мадуро како претседател се избројани. Изминатите два месеца, Вашингтон испрати неколку илјади војници, воени бродови и авиони во водите околу Венецуела, вклучувајќи го и најголемиот носач на авиони, Џералд Форд. Шефот на Белата Куќа вели дека се вклучени во вооружен конфликт потпирајќи се на истиот правен авторитет што го користеше администрацијата на Буш кога објави војна против тероризмот по нападите на 11 септември.
„Одбраната на нашата татковина е неверојатно важна. Повторното воспоставување на одвраќање е јасно давање до знаење на нарко-терористите во Карибите или во источниот Пацифик дека не им е дозволено да го трујат американскиот народ неказнето. Кога ќе ги означиме терористичките организации што тргуваат со дрога, кои се упатија кон Соединетите Држави за да убијат стотици илјади Американци, ќе преземеме акција. Ќе се однесуваме кон тие картели како кон Ал-Каеда од западната хемисфера и ќе ги ставиме на дното на Карибите“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Претседателот Мадуро ги обвини САД за создавање лажен наратив за да ги оправда нападите и да наметне промена на режимот во јужноамериканската земја. Активностите на САД беа осудени од меѓународната заедница вклучително и од Русија која изрази отворена поддршка за Венецуела. Западните медиуми објавија дека руски транспортен авион и покрај санкциите пристигнал во Венецуела, а леталото е во сопственост на компанија позната по транспорт на воена опрема, оружје и платеници во земји кои се сојузници на Москва.
„Ние сме во постојана секојдневна комуникација со руската влада за сите прашања, бидејќи имаме многу проблеми во развојот. Огромен број кадети и офицери се обучени во Русија, а огромен број руски офицери отсекогаш доаѓале во Венецуела и ова ќе продолжи. Сега, бидејќи заканите против Венецуела се зголемија, можеби овие работи биле кажани во други времиња и не биле вест, но сега се вести. Венецуела продолжува по својот пат, а она што го сакаме е мир“, изјави Николас Мадуро, претседател на Венецуела.
Од почетокот на септември, американските сили извршија неколку напади врз бродови за кои се сомневаат дека се занимаваат со трговија со дрога во Карибите и источен Пацифик. Најмалку 65 лица, претежно криумчари, биле убиени во овие операции.
Маријана Димовска
