Војната во Украина продолжува, ЕУ обезбедува енергетска помош
Руско-украинската војна продолжува. Во изминатото деноноќие украински дронови нападнаа голем број индустриски и енергетски објекти. Руските сили пак, гранатираа село во регионот Дњепропетровск. Има убиени и ранети. На прагот од зимата, Зеленски во трка за заштита на енергетските ресурси. Добар сигнал од ЕУ за понатамошна поддршка за енергетскиот сектор на земјата.

Војната во Украина продолжува. Според украинските власти, речиси една третина од борбите на фронтовската линија се одвиваат во регионот Покровск на југоистокот. Зеленски уверува дека Русија немала успех и покрај тоа што изминатата недела, Путин тврдеше дека силите на Москва ги блокирале и Покровск и Купјанск. На прагот од зимата, украинскиот претседател во трка за заштита на енергетските ресурси. Добар сигнал од Европската унија за обидот на Киев да се приклучи на блокот и за понатамошна поддршка за енергетскиот сектор на земјата.
„Разговарав со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен. Многу сме благодарни за поддршката и она што го слушнавме е многу важно за нас. Секако, врвен приоритет е енергијата, работиме на покривање на потребното количество за увоз на гас, меѓу другите прашања што се многу важни за нас“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Украина нема да биде сама оваа зима. ЕУ е со вас и обезбедува итна енергетска помош за поддршка на Украина во наредните месеци“, напиша Фон дер Лајен во објава на социјалната мрежа „икс“.
Во изминатото деноноќие украински беспилотни летала нападнаа голем број индустриски и енергетски објекти на руска територија. Руското министерство за одбрана соопшти дека противвоздушните сили пресретнале и уништиле 85 дрона. Во меѓувреме руските сили гранатираа село во регионот Дњепропетровск. Има убиени и ранети.
„Мојот син седеше овде на фотелјата. Успеа да се скрие и има само мали расекотини. Ќерка ми седеше и пиеше кафе. Добро е што ракетата не го проби ѕидот, па таа преживеа, но има потрес на мозокот“, изјави маж – сопственик на гранатирана куќа.
Киев најави дека ја проширува домашната одбранбена индустрија со помош на западните партнери, додека четврта година се брани од руската агресија.
Катерина Бојаџиева
