Инфраструктура

Македонија и Бугарија в четврток ќе го потпишат договорот за изградба на железничкиот тунел на Коридор 8

04.11.2025 14:11

Потпишувањето ќе се одржи на железничката станица Ѓуешево, а на настанот се очекува присуство на претставници од Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светска банка.

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, во четврток, 6-ти ноември, заедно со вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов, ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8.

Потпишувањето ќе се одржи на железничката станица Ѓуешево, а на настанот се очекува присуство на претставници од Европската комисија, НАТО, САД, Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој и Светска банка.

Тунелот ќе биде меѓугранична точка меѓу двете држави и ќе има должина од околу 2,4 километри, од кои половината – 1,2 километри ќе се наоѓаат на територијата на Македонија.

Изградбата на железничкиот Коридор 8, освен што има големо економско значење за Македонија и целиот регион, претставува и важен безбедносен проект во рамките на НАТО Алијансата. На источниот дел од Коридорот веќе е изградена и пуштена во употреба пругата од Куманово до Бељаковце, додека делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба. Интензивно се работи и на подготовките за третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, која ќе го опфати и тунелското решение.