Мицкоски по средбата со Кошта: Разговаравме за приближувањето кон ЕУ и стратешките проекти
Премиерот Христијан Мицкоски во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. На средбата се разговарало за приближувањето на Македонија кон Европската Унија, формалното отпочнување на преговорите, како и за стратешките енергетски проекти – гасниот интерконектор со Србија и кракот кон Косово...

Премиерот Мицкоски денеска во Брисел оствари пријателска средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Како што истакна Мицкоски по средбата, разговорите биле насочени кон актуелните теми поврзани со европската интеграција на земјата и формалното отпочнување на преговорите со Европската Унија.
„Ги повторивме нашите единствени и достоинствени позиции, особено по сите понижувања што ни се случија во изминатите 25 години од почетокот на патот кон ЕУ“, соопшти премиерот на социјалните мрежи.
Тој додаде дека, покрај европските теми, на средбата се разговарало и за неколку стратешки важни проекти, меѓу кои гасниот интерконектор со Србија и изградбата на крак од гасоводот кон Косово.
Мицкоски најави дека посетата на Брисел продолжува и во наредните денови со нови состаноци и средби со европски претставници.
