Здравство

Се разгледуваат уште седум од пристигнати 25 претставки за непотребно извршени интервенции на срце

04.11.2025 16:46

Сомнителните случаи за кардиолошки и кардиохируршки интервенции остануваат сомнителни. И по повеќе од два месеца нема разрешница за оние кои поднесоа претставки. Министерот за здравство Алиу вели дека чека официјално да завршат локалните избори за да ги ангажира странските експерти кои ќе се вклучат во анализата...

Повеќе од два месеци нема епилог од комисијата која ги испитува наводно непотребните операции на срце во приватните болници. Од пристигнатите 25 пријави, останува да се разгледаат уште седум. Според министерот за здравство, процесот одзема време поради малиот број експерти кои работат во оваа област, а истовремено даваат и здравствени услуги.

„Зошто немаме досега резултати, до каде сме досега, треба да се анализираат уште седум наоди. Прво тие експерти се во мал број во нашата земја, освен оваа работа имаат дневни активности во амбуланта и во операционите сали. Се состануваат еднаш неделно или на две – три недели зависи од динамиката кога сите можат да се соберат во ист ден“, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.

Засега не се прецизира ниту кога ќе дојдат странските доктори од Словенија, Австрија и Италија, чие експертско мислење треба да даде поуверлив одговор на ова сензитивно прашање. Ќе се чека официјално да завршат локалните избори.

Од Фондот за здравство велат, најголем дел од случаите започнуваат од нула, а има случај за интервенција извршена во 2010-та година.

„Повеќето што стигнаа до ФЗОМ беа парче хартија од пациенти каде мораше да се помине административна постапка на обработка, па да се премине на медицинска обработка.Процесот не е толку брз колку што сите би сакале зашто има повеќе фази на проверка на работите“, изјави директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.

Здравствените власти им наложија на приватните болници сите интервенции што ги извршуваат да бидат внесени во „Мој термин“. Нема одговор, колку се почитува оваа наредба.

Формирање на стручна комисија и ангажирање на странски доктори следува по изјавите на кардиологот Сашко Кедев, дека во приватни установи се правеле операции на срце без основ, туку за профит.

Андријана Ѓурческа