Ограничен напредок, потребни се уставни измени за членство во ЕУ
„Не беа направени обиди за усвојување на релевантните уставни измени“ – Европската унија го објави извештајот за напредокот на земјите-кандидати за членство. Иако властите продолжуваат да работат на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции, напредокот е ограничен. Се бара засилување на борбата против корупцијата и организираниот криминал...

Ограничен напредок во владеењето на правото, иако е постигнат значителен напредок во реформите и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, но нема направено напредок за уставни промени, што се услов за натамошна интеграција-ова стои во Извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025-та.
Извештајот нагласува дека треба да се засилат напорите за заштита на независноста на судството и борбата против корупцијата, реформите на јавната администрација, унапредување на фундаменталните права, заштита на малцинствата и слободата на изразување. Во Извештајот се нагласува потребата за добронамерно спроведување на билатералните договори со Грција и Бугарија.
„Северна Македонија ја задржа целосна усогласеност со европската одбранбено-надворешна политика и ја продолжи техничката работа на планот за реформи, но земјата не направи решителни чекори за напредок во пристапниот процес со уставни промени во изминатава година, што мора да ги направи согласно со заклучоците на Европскиот совет од 2022-ра година, за да напредува на патот кон ЕУ“, изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Прозорецот за проширување е тука, искористете го, повика шефицата на европската дипломатија Калас. Оцени дека целта за нови членки до 2030-та е остварлива, но кандидатките мора да усвојат трајни реформи. За Северна Македонија повтори дека нема напредок во пристапниот процес.
ЕУ веќе се подготвува за нови членки, но и постепена интеграција на кандидатките во одредени области пред членството. Во наредната година, од кандидатките очекуваат реформи што ќе бидат трајни и навистина ќе го трансформираат општеството и економијата.
Ирина Гелевска
