Мицкоски од Брисел: Одлучни сме да ја завршиме домашната задача
Земјава останува посветена на реформите и создавање услови за младите да се вратат дома, и покрај предизвиците на патот кон Европската унија, нагласи премиерот Мицкоски во Брисел. На билатералниот состанок со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, беа отворени теми за преговорите со ЕУ и стратешките енергетски проекти …

Патот кон Европската унија е поплочен со предизвици, но ние сме одлучни да ја завршиме домашната задача, да работиме на реформите и да создадеме услови за младите да се вратат дома, истакна премиерот Мицкоски на Самитот во Брисел посветен на проширувањето.
Премиерот е оптимист дека Унијата сепак кога ќе валоризира сработеното. Појасни дека за нашата земја, наместо Копенхашки критериуми, како услов за преговори се испорачуваат вештачки услови од Бугарија.
„Но, ајде да си ја завршиме домашната задача и да ја да направиме на добри основи. Да си ги вратиме младите дома и да создадеме нешто што ќе биде добро за нив. И да ја испорачаме домашната задача којашто би оставила впечаток кај ЕУ. И можеби некој од ЕУ ќе каже, доста е веќе. Ајде да направиме нешто за нив. Во спротивно, ова им наштетува на нашите вредности и во суштина нема некаква иднина. И затоа верувам дека ние мора да ја завршиме домашната задача и да испорачаме, кога сме веќе избрани да владееме“, изјави премиерот Мицкоски.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, нагласи дека проширувањето на Европската унија, кое за него претставува и личен приоритет, е денес поважно и поактуелно отколку во изминатата деценија. Ги поттикна земјите-кандидатки да продолжат со реформите.
„Партнерите мора да одлучат- дали имаат решителност да продолжат напред со своето мислење и трансформација, или пак претпочитаат да останат заробени во болни историски наследства. ЕУ исто така мора да реши дали може да си дозволи да изгуби повеќе време и дали е подготвена да се вклучи и приспособи на актуелните геополитички реалности. Мое силно уверување е дека Европа не смее да стане музеј на минатиот просперитет“, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Непосредно пред Самитот, Кошта и Мицкоски на билатерален состанок разговарале за македонските евроинтеграции и почеток на преговорите.
„На состанокот ги повторивме нашите единствени позиции кои што навистина се позиции достоинствени после сите оние понижувања кои што ни се случија во минатото, изминатите 25 години откако практично почна овој наш пат кон приближување кон Европската Унија. Имавме пријателски и прилично продуктивен состанок, едноставно, сето она кое претставува наш приоритет е приоритет и на господинот Кошта“, изјави премиерот Мицкоски.
Двајцата политичари на маса ги отвориле и темите за гасниот интерконектор со Србија, тарифите за челикот, но и европските проекти во истокот на земјава.
Анита Димитријевска-Велковска
