Статистика

Раст на извозот и увозот – најмногу се тргува со Германија, Велика Британија и Кина

05.11.2025 09:33

Извозот и увозот на стоки од Северна Македонија бележат пораст во првите девет месеци од годинава во споредба со истиот период лани. Најголем дел од трговската размена земјава ја остварила со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – септември 2025 година, изнесува 368,3 милијарди денари, што претставува раст од 2,09 проценти во однос на истиот период од минатата година. Вредноста на увезената стока изнесува 523,2 милијарди денари и е зголемена за 3,59 проценти, соопшти Државниот завод за статистика.

Најзастапени производи во извозот се катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично за возила, деловите на седишта и други катализатори. Во увозот доминираат нафтените масла, металите од платинската група, платината и легурите на платина, како и моторни возила за пренос на лица.

Во периодот јануари – септември 2025 година, најголема трговска размена Македонија остварила со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои заедно учествуваат со 47,7 проценти во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59,6 проценти во вкупната надворешнотрговска размена.