Расте бројот на загинати во пожар во дом за стари лица во Тузла
Расте бројот на загинати и повредени во пожар во дом за стари лица во Тузла. Тројца полицајци и пет пожарникари се задржани на лекување, но сите се надвор од животна опасност.

Страшна трагедија го погоди североисточниот босански град Тузла. Пожар избувна во старски дом земајќи жртви и десетици повредени. Според првичните информации, меѓу повредените има полицајци, пожарникари, медицински работници и вработени во Домот кои учествувале во евакуацијата и помошта на луѓето.
„Беше исклучително напорно и тешко. Сите наши тимови беа ангажирани, едни доаѓаа, други заминуваа. Околните здравствени домови ни скокнаа во помош, преземаа пациенти и ги носеа во Ургентниот центар. Според нашите сознанија таму се транспортирани 35 пациенти, десет за жал починаа, но имавме и две успешни реанимации“, изјави Лејла Кулоглија Мемиќевиќ- началничка на Службата за итна медицинска помош Тузла.
Очевидци велат дека огнот од седмиот кат на зградата, на кој биле сместени лица со ограничена подвижност и изразито нарушено здравје, се проширил за брзо време. Противпожарните служби потврдија дека интервенцијата била тешка бидејќи луѓето прво морале да се евакуираат, па дури потоа да се пристапи кон гасењето на огнот.
„Мора да се нагласи дека пожарот беше на повисоките катови каде што се сместени неподвижни лица, и првично беше потребно да се организира нивна евакуација, па потоа да се пристапи кон гаснењето така што можам да речам дека оваа интервенција беше исклучително напорна“, изјави Јасмин Јахиќ – старешина на Противпожарната служба во Тузла.
„Бев легната во креветот кога слушнав силно рскање. Не бев сигурна дали ми попукаат прозорците, јас сум на третиот кат, и почна да се слуша некакво трескање, уривање. Не можев да ја добијам рецепцијата, па погледнав низ прозорецот и видов пламен. Излегов во ходникот и веќе можев да го почувствувам чадот“, изјави Ружа Кајиќ – жителка во пензионерскиот дом.
Телата на починатите се префрлени во Меморијалниот центар во Тузла за идентификација и обдукција. Истрагата за причините и евентуалните безбедносни пропусти е во тек. Градоначалникот на Тузла, Зијад Лугавиќ, свика вонреден состанок.
Бојана Крстевски
