Охрид

Наградата „Жива“ да се стави во функција на туризмот

08.11.2025 12:42

Охрид е препознатлив како центар на словенската култура, град на листата на УНЕСКО и многу други епитети, а по добивањето на наградата „Жива“ од форумот на словенски култури ќе биде познат и како и како најдобар локалитет на словенското наследство. Од охридскиот Завод и музеј кои го добија ова признание, велат дека тоа треба максимално да се искористи за промоција на Охрид како туристички центар, особено во словенските земји.

Откако охридскиот Завод и Музеј ја доби престижната награда „Жива“ за најдобар локалитет на словенското наследство за 2025-та година, од оваа институција велат дека тоа е огромна можност за развој на културниот туризам. За наградата која ја добија од Форумот на словенски култури, од институцијата посочуваат дека тоа треба да биде поттик за поголема промоција на нашето културно богатство, пред сè во земјите членки на Форумот чиј број е тринаесет.

„Интересно е тоа што некои од учесниците за прв пат се сретнаа со податоците воопшто за Охрид. За природното и културното наследство на охридскиот регион и се надевам дека ќе има зголемена посетеност на туристи баш од тие земји“, изјави Горан Патчев – директор на Завод и музеј Охрид.

Наградата е уште една алка помеѓу бројните признанија за Охрид како духовен и културен центар, поради што во светот е познат и како Балкански Ерусалим.

„Мислам дека Форумот на словенски култури во нашата институција го препознаа начинот на управување со еден огромен регион кој поседува културно и природно наследство кое е запишано во листата на светското наследство на УНЕСКО“, изјави Горан Патчев – директор на Завод и музеј Охрид.

Во сите словенски земји е познато дека Охрид е извориштето на словенската писменост, но многу помалку се знае дека во градот и неговата околина некогаш имало 365 цркви, богати археолошки наоѓалишта и многу други нешта кои на македонска почва ги оставиле културите кои на овој простор се испреплетувале, вели Патчев, а тоа е нашата шанса за доаѓање на туристи од средно и источно европските словенски држави, кои во последните години се најбрзо растечки туристички пазари.

Сашо Нелоски