БиХ

По пожарот во домот за стари лица, директорот утрово поднесе оставка

05.11.2025 18:14

Трагедија во Тузла – пожар во дом за стари лица однесе 11 животи и повреди над 35 луѓе, меѓу нив полицајци, пожарникари и медицински работници. Директорот на домот поднесе оставка. Градските власти на вонреден состанок. Службите за итни интервенции ја опишаа акцијата за спасување како една од најтешките досега. Истрагата е во тек, се утврдува дали имало евентуални безбедносни пропусти...

Страшна трагедија го погоди североисточниот босански град Тузла. Пожар избувна во дом за стари лица земајќи жртви и десетици повредени. По несреќата, директорот на домот Мирсад Бакаловиќ од морални причини си поднесе оставка. Изрази длабоко жалење за трагедијата што ги погоди жителите и нивните семејства.

„Ги познавам сите овие луѓе и навистина ми е тешко. Цело време бев на местото на настанот и по сè што видов, решив да поднесам оставка“, изјави Бакаловиќ.

Изутрината на вонредна седница заседаваше и Градското собрание.

„Преку 60 луѓе требаше да се евакуираат од 6-иот и 7-иот кат, што всушност и го направија полицајците и пожарникарите. Требаше да бидете таму за да видите како тие луѓе ги ставаат животите на другите пред своите за да се спасат што поголем број штитеници. Навистина сум им благодарен за професионалната акција и несебичноста што ја покажаа“, изјави Зијад Лугавиќ, градоначалник на Тузла.

Според информациите, меѓу повредените има полицајци, пожарникари, медицински работници и вработени во домот кои учествувале во евакуацијата и помошта на луѓето.

„Беше исклучително напорно и тешко. Сите наши тимови беа ангажирани, едни доаѓаа, други заминуваа. Околните здравствени домови ни излегоа во пресрет, преземаа пациенти и ги носеа во Ургентниот центар. Според нашите сознанија таму се транспортирани 35 пациенти, десет за жал починаа, но имавме и две успешни реанимации“, изјави Лејла Кулоглија Мемиќевиќ, началничка на Службата за итна медицинска помош Тузла.

Очевидци велат дека огнот од седмиот кат на зградата, на кој биле сместени лица со ограничена подвижност и изразито нарушено здравје, се проширил за брзо време. Противпожарните служби потврдија дека интервенцијата била тешка бидејќи луѓето прво морале да се евакуираат, па дури потоа да се пристапи кон гасењето на огнот.

„Мора да се нагласи дека пожарот беше на повисоките катови каде што се сместени неподвижни лица и првично беше потребно да се организира нивна евакуација, па потоа да се пристапи кон гаснењето, така што можам да речам дека оваа интервенција беше исклучително напорна“, изјави Јасмин Јахиќ, старешина на Противпожарната служба во Тузла.

„Бев легната во креветот кога слушнав силно трескање. Не бев сигурна дали ми попукаа прозорците, јас сум на третиот кат и почна да се слуша некакво трескање, уривање. Не можев да ја добијам рецепцијата, па погледнав низ прозорецот и видов пламен. Излегов во ходникот и веќе можев да го почувствувам чадот“, Ружа Кајиќ, жителка во пензионерскиот дом.

Телата на починатите се префрлени во Меморијалниот центар во Тузла за идентификација и обдукција. Истрагата за причините и евентуалните безбедносни пропусти е во тек.

Бојана Крстевски