Њујорк доби нов градоначалник

Мамдани: Соборивме политичка династија

05.11.2025 14:26

Демократскиот социјалист Зохран Мамдани е избран за нов градоначалник на Њујорк, победувајќи го независниот кандидат, Ендру Куомо. Тој освои поддршка со планови за бесплатна грижа за деца, бесплатен автобуски превоз и замрзнување на кириите. Мамдани ќе биде прв муслимански градоначалник на Њујорк од 1-ви јануари...

Демократскиот социјалист Зохран Мамдани е избран за нов градоначалник на Њујорк. Тој ги освои гласовите со неговите планови за бесплатна грижа за децата, бесплатен автобуски превоз и замрзнување на кириите. На први јануари, Мамдани ќе стане првиот градоначалник на Њујорк од муслиманска вероисповед и навести дека ќе се бори против администрацијата на Трамп, кој го обвинува Мамдани дека е комунист, па дури и навести дека ќе ги намали федералните средства за Њујорк.

„Соборивме политичка династија. Донесовте мандат за промени, за нова политика- за град што можеме да си го дозволиме“, нагласи Мамдани во својот говор по победата.

„Ќе помогнеме на секој можен начин, бидејќи ни е потребно нашата влада на Њујорк да функционира. Ќе се обединиме затоа што го сакаме градот“, рече Ендру Куомо, независен кандидат за градоначалник на Њујорк.

Граѓаните очекуваат од Мамдани да се справи со барањата на најголемиот град во Америка и да ги исполни амбициозните предизборни ветувања.

„Не е важно кој си, од каде доаѓаш. Мамдани ќе го направи животот подостапен и едноставно подобар за секој њујорчанец“, изјави Кендерик Скорза, поддржувач на Мамдани.

„Имам голема надеж за иднината на Њујорк. Ова беше кампања водена од надеж и мислам дека сите ние го почувствувавме тоа“, додаде Ванеса Пасос, поддржувач на Мамдани.

Демократите со убедлива победа и на гувернерските избори, што се толкува и како порака од граѓаните до Трамп. Абигејл Спанбергер е првата жена гувернерка во Вирџинија. Мики Шерил ја освои трката во Њу Џерси.

„Испративме порака до светот дека во 2025 година, Вирџинија го избра прагматизмот пред партиската припадност. Ја избравме нашата држава пред хаосот“, изјави Абигејл Спанбергер, новоизбрана гувернерка на Вирџинија.

„Благодарам на сите што ми се придружија во борбата за подобра иднина. Знам дека ова се тешки времиња и дека не гласаа сите за мене, но јас ќе работам за сите во Њу Џерси“, изјави Мики Шерил, новоизбрана гувернерка на Њу Џерси.

Трамп посочи дека слабиот резултат на Републиканците е поради неговото отсуство од гласачкото ливче, но и владината блокада која станува најдолга во историјата.

Катерина Бојаџиева