Образование

Од Министерството за образование најавуваат промена на лектирите за основците

05.11.2025 17:27

Од Министерството за образование најавуваат промена на лектирите за основците. Во тек е јавна расправа заедно со бирото за развој. Потребата произлегува, како што изјави за МТВ министерката Јаневска од релативно ниската читаност на дел од сегашните лектири, но и поради модернизација на градивото.

Основците се помалку сакаат да читаат лектири. Надлежните ќе го менуваат списокот со поинтересни содржини што се поблиски на нивната реалност. Министерката за образование и наука смета дека теми како училишен живот, врсничко насилство, инклузија на деца со посебни образовни потреби и психолошки предизвици би биле поинтересни теми за децата од основното образование. Поради овие причини создаден е нов предлог-лектирен список кој ќе оди на јавна расправа.

Од Министерството за образование и наука и Бирото за развој ги повикуваат сите наставници и чинители во образовниот процес, активно да се вклучат во дефинирањето на современ, инклузивен и квалитетен лектирен список.

Новите содржини би биле доволно слоевити за анализа и симболичко толкување што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој, сметаат од МОН.

Поради промени во наставните програми некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус. Од задолжителни станале изборни и обратно. Предлог-списокот на лектири е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто.

 

Александра Спировска