Македонија

Расте бројот на жртви на патиштата, сообраќајната култура на ниско ниво

05.11.2025 16:10

Сѐ повеќе жртви во сообраќајки. Експертите велат, сообраќајната култура е на ниско ниво, неопходно е да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, потребни се и јавни кампањи...

Расте бројот на жртви во сообраќајки низ патиштата во Македонија. За да опаѓа, мора одговорноста да биде на многу повисоко ниво, алармира експертската фела.

„Четири очи“ мора да отворат и пешаците и возачите, ако сакаме бројот на жртви во сообраќајот да се сведе на минимум.

Според експертите, сообраќајната култура е на ниско ниво. Мора да се почитуваат сообраќајните правила, но и да има повеќе јавни кампањи.

Целосно функционирање на системот „Безбеден град“ се очекува на почетокот од идната година. Целта е да се смени однесувањето на учесниците во сообраќајот, оти добар дел од нив дивеат на патиштата.

Според статистиката на МВР, од почетокот на годината до сега, имало 326 сообраќајни несреќи, предизвикани од несовесни учесници во сообраќајот. Годишниот број на загинати е над европскиот просек. Црниот биланс на нашите патишта е по околу 65 жртви годишно на милион жители, што е за четвртина повеќе од европските земји. Само лани, во сообраќајки загинале 142 лица.

Борис Грујоски