ЕКСПЕРТИ ЗА ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК

Исчекор нема поради постојаниот повик за влез на Бугарите во Уставот, велат аналитичарите

05.11.2025 16:46

Ние имаме направено многу за нашите евроинтеграции, и само со отворен и искрен дијалог можеме да ја градиме државата. Унијата не смее да дозволи да ни се оспорат темелите, став на аналитичари по извештајот на Европската комисија. Сметаат дека исчекор нема поради постојаниот повик за влез на Бугарите во Уставот...

ЕУ да употреби политички критериуми кога се работи за евроинтегративниот процес за нашата земја, како во случајот со Украина и Молдавија, бидејќи Македонија има направено многу во однос на усогласувањето на нашиот со европскиот вредносен систем – ова е ставот на поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев за забелешките во извештајот на ЕК поради не имплементираните уставни измени за внесување на бугарската заедница во Уставот.

Според Ѓорчев јасно исцртаните црвени линии и директното укажување од страна на Владата дека се работи за фундаменти како што е самоопределувањето ќе има ефект кај европските бирократи.

Чиста, дипломатска, но и брутална е пораката во извештајот-без уставни измени нема поместување во евроинтегративниот пат-вели аналитичарот Благојчо Атанасовски. Според него напорите на Владата за укажување на реалните факти не допираат до официјален Брисел.

И двајцата соговорници се сложуваат дека извештајот на ЕК е нешто веќе видено и очекувано. Ѓорчев со став дека Македонија е подготвена да отвори и да затвори најмалку четири кластери од преговарачкиот процес, Атанасовски оценува дека без уставни измени уште долго ќе останеме во лимбо позиција.

 

 

Марина Стојанова-Тонева