Филипче: Извештајот од ЕУ најлош досега, нема напредок
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека последниот извештај за напредокот на Македонија во евроинтеграциите е најлош досега и дека државата назадува во сите области. Според него, реформската агенда не се спроведува, а институциите се парализирани. Додека најавува разговори за реформи во партијата по изборниот пораз, од ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваат дека под диктат на Заев ја довел СДСМ до пад, без визија и доверба…

Извештајот за напредокот на државава во евроинтеграциите е најлош досега. Нема напредок во ниту една област, дури и назадуваме-оценка на првиот социјалдемократ Венко Филипче. Смета дека реформската агенда не се спроведува, а институциите се парализирани. Нацрт-резолуцијата за црвените линии сè уште не е доставена во Собранието. Филипче очекува дијалог со останатите политички чинители, истата да биде надоградена. Лидерот на СДСМ вели дека не алудира на лидерска средба.
Од друга страна, Филипче по поразот на локалните избори веќе започнал со разговори за реформите во партијата и новите функционерски имиња. Вели дека ги разбира негативните емоции по дадените оставки од некои партиски функционери, но смета дека одговорноста во партијата никогаш не е на еден човек.
Венко Филипче под диктат на Зоран Заев ја доведе партијата до целосен пад, без визија, без стратегија и без доверба кај граѓаните – коментираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
И додека лидерот на СДСМ вели дека во некои општини постигнале задоволителни резултати, во ВМРО-ДПМНЕ констатираат дека на Македонија ѝ е потребна вистинска опозиција, а тоа нема да се случи без оставка на Филипче и реформи во СДСМ.
Миле А. Ристески
