Економија

ТИРЗ и „Хјундаи“ разговараа за можности за инвестиции во Македонија

05.11.2025 20:03

На средбата се разговараше за потенцијалите што ги нудат технолошко-индустриските зони во Македонија, предностите за инвеститорите, како и механизмите за поддршка што ги обезбедува државата за странските компании.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Гоце Димовски, денес оствари средба со Сунгву Хонг, генерален менаџер на претставништвото за Европа на јужнокорејската компанија „Hyundai Corporation Holdings“, почесниот конзул на Република Кореја Иван Петровиќ и финансискиот директор на Фила Група, Драган Илиевски.

На средбата се разговараше за потенцијалите што ги нудат технолошко-индустриските зони во Македонија, предностите за инвеститорите, како и механизмите за поддршка што ги обезбедува државата за странските компании.

Димовски истакна дека главната цел на ТИРЗ е создавање на уште поповолна инвестициска клима со проекти кои ќе донесат висока додадена вредност. Тој нагласи дека Дирекцијата е целосно посветена на поддршка на странските инвеститори преку ефикасни административни процедури, стабилно деловно опкружување, современа инфраструктура и квалификувана работна сила.

Претставникот на „Hyundai Corporation Holdings“, Сунгву Хонг, изрази интерес за Македонија како дестинација за потенцијално проширување на активностите на компанијата, посочувајќи дека земјата нуди добра инфраструктура и поволни услови за развој на производствени капацитети.

Иако брендот Hyundai најчесто се поврзува со автомобилската и тешката индустрија, компанијата во последните години го прошири своето делување и во други области – електроника, иновативни технологии, хардвер, осветлување и батерии. Овие сектори, според ТИРЗ, претставуваат значаен потенцијал за идна технолошка соработка и развој во Македонија.