Свет

Блокадата во САД го парализира воздушниот сообраќај

06.11.2025 10:20

Федералната администрација за воздухопловство ги наведува како причини недостигот и заморот на контролорите на летови, што предизвикува доцнења низ целата земја. Мерката е наменета за олеснување на товарот врз персоналот кој работи без плата.

САД од утре ги намалуваат летовите на 40 главни аеродроми поради блокадата на владата која трае повеќе од еден месец. Федералната администрација за воздухопловство ги наведува како причини недостигот и заморот на контролорите на летови, што предизвикува доцнења низ целата земја. Мерката е наменета за олеснување на товарот врз персоналот кој работи без плата.

„Контролорите работат неуморно изминативе пет недели носејќи огромен товар без надомест. Веќе почнуваме да гледаме знаци на заморност што се чувствува во системот, затоа треба да се обидеме да ги ублажиме. Идентификувавме 40 пазари со голем сообраќај. Одлучивме дека намалувањето од 10% на закажаниот капацитет би било соодветно за да го намалиме притисокот врз нашите контролори“, изјави Брајан Бедфорд, администратор на Федералната администрација за воздухопловство.

Намалувањата на летовите ќе бидат постепени почнувајќи од 4% од домашните летови в петок, постепено зголемувајќи се на 5 насто во сабота и 6 во недела, пред да достигнат цели 10 насто идната недела. Министерот за транспорт Дафи тврди дека воздушниот сообраќај е сè уште безбеден, а одлуката за откажување на летовите е донесена за да се одржи безбедноста. Предупреди дека ќе ги отпушти оние кои не доаѓаат на работа.

„Не сакаме да се најдеме во ситуација да кажеме дека имало проблеми што сме можеле, а не сме ги решиле, затоа проактивно донесуваме одлуки што ќе го одржат воздушниот простор безбеден. Она што го откриваме е дека нашите контролори на воздушен сообраќај поради финансискиот притисок работат споредни дополнителни работи. Но, да појаснам, не сакам тоа да го прават. Сакам да се појават на работа. Веќе го видовме притисокот врз персоналот во целиот воздушен простор-голем број одложувања и откажувања. Тоа не го сакаме“, вели Шон Дафи, министер за транспорт.

Додека се проценува како ограничувањата на летовите ќе влијаат на услугите, авио-превозниците го повикаа конгресот веднаш да го реши ќор-сокакот и да го врати Националниот систем за воздушен простор во полн капацитет. Демократите и републиканците и натаму без договор за финансирањето на социјалните и транспортните услуги.

„Ова е најдолгото затворање на која било влада во нашата историја. Реалноста е дека демократите можеа да го избегнат целиот хаос и болка што ја нанесоа на американските семејства само со гласање за поддршка на чистата, непартиска продолжена резолуција - едноставен документ од 24 страници, како што направија 13 пати за време на администрацијата на Бајден“, рече Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом.

„Уште од самиот почеток рековме дека ќе го оцениме со добра намера секој двопартиски договор што ќе произлезе од Сенатот, ќе ја отвори владата, ќе го подобри животот за американскиот народ и решително ќе се справи со републиканската криза во здравството. Додека не видиме детали, не сме во позиција да направиме многу повеќе од тоа“, изјави Хаким Џефрис, лидер на малцинството во Претставничкиот дом на САД.

По блокадата на 1-ви октомври, повеќето федерални работници беа испратени дома и им беше кажано дека ќе бидат платени штом владата повторно ќе се отвори. Сепак, оние што се сметаа за неопходни, како контролорите, мораа да продолжат да си ја работат работата без плата. Речиси веднаш по почетокот на затворањето, аеродромите почнаа да ги чувствуваат ефектите.

Бојана Крстевски