Од утре во САД се намалуваат летовите за 10% на 40 прометни аеродроми
Блокадата на владата во САД веќе има сериозни последици врз авио-сообраќајот. Од утре, властите најавија намалување на летовите за 10% на 40 прометни аеродроми со цел да сè се зачува безбедноста во воздушниот сообраќај и да се намали притисокот врз контролорите на летови кои веќе еден месец работат без плата. Политичарите во Вашингтон и натаму без договор за прекин на блокадата.

Блокадата на владата во САД ги принуди властите од утре да го намалат бројот на летови на 40 аеродроми. Причината е заморот и недостигот на контролори на летови кои веќе еден месец работат без плата. Мерката има цел да го намали товарот врз персоналот и доцнењата во воздушниот сообраќај.
„Веќе почнуваме да гледаме знаци на заморност што се чувствува во системот, затоа треба да се обидеме да ги ублажиме. Идентификувавме 40 пазари со голем сообраќај. Одлучивме дека намалувањето од 10% на закажаниот капацитет би било соодветно за да го намалиме притисокот врз нашите контролори“, изјави Брајан Бедфорд – администратор на Федералната администрација за воздухопловство.
Намалувањето на летовите ќе биде постепено-од 4 насто утре, зголемувајќи се викендов до 10% идната недела. На тој начин ќе се одржи авио-безбедноста, а контролорите наместо да работат дополнително, ќе се појават на работа, во спротивно може да се соочат со отпуштања-предупреди министерот за транспорт.
„Она што го откриваме е дека нашите контролори на воздушен сообраќај поради финансискиот притисок работат споредни дополнителни работи. Но, да појаснам, не сакам тоа да го прават. Сакам да се појават на работа. Веќе го видовме притисокот врз персоналот во целиот воздушен простор-голем број одложувања и откажувања. Тоа не го сакаме“, изјави Шон Дафи – министер за транспорт.
Авио-превозниците го повикаа конгресот веднаш да го реши ќор-сокакот. Демократите и републиканците и натаму без договор за финансирањето.
„Ова е најдолгото затворање на која било влада во нашата историја. Реалноста е дека демократите можеа да го избегнат целиот хаос и болка што ја нанесоа на американските семејства само со гласање за поддршка на чистата, непартиска продолжена резолуција“, изјави Мајк Џонсон – претседател на Претставничкиот дом.
„Уште од самиот почеток рековме дека ќе го оцениме со добра намера секој двопартиски договор што ќе произлезе од Сенатот, ќе ја отвори владата, ќе го подобри животот за американскиот народ и решително ќе се справи со републиканската криза во здравството. Додека не видиме детали, не сме во позиција да направиме многу повеќе од тоа“, изјави Хаким Џефрис – лидер на малцинството во Претставничкиот дом на САД.
По почетокот на блокадата на 1 октомври, повеќето федерални работници беа испратени дома со ветување дека ќе бидат платени по повторното отворање на владата. Но, неопходниот персонал, како контролорите на летање, мораше да продолжи да работи без плата.
Бојана Крстевски
