Здравство

Двојно поголем бројот на заболени од грип

06.11.2025 18:04

Расте бројот на заболени од грип, информира институтот за јавно здравје. Изминатата седмица на ниво на државата двојно е поголем бројот на лица со симптоми на грип. Најголем дел од вкупно 94 заболени се од Гостивар, Куманово, Битола и Штип. Здравствените работници апелираат на внимателност.

Гостивар, Куманово, Штип, Битола се градовите коишто бележат поголем број на заболени од грип. Од институтот за јавно здравје информираат бројот е зголемен дури двојно во споредба со претходната седмица, но и во однос на последните 15 сезони. Најзастапена засега е возрасната група од 15 до 64 години.

„Кога зборуваме за целокупната сезона 2025-2026 година бројот на случаи на грип и заболување слични на грип изнесува 338 лица, во споредба со истиот период минатата сезона бројот на пријавени лица и тука е зголемен за дури 73,3 проценти и во однос на последните 15 сезони се забележува зголемување за 27,1 процент“, изјави д-р Марија Андоновска, директорка Институтот за јавно здравје.

Здравствените работници со апел, заболените да се изолираат, да не се посетуваат колективи, да користат заштитна маска. Паралелно тече и имунизацијата против сезонски грип. Засега вакцинирани се над 53.000 граѓани, повеќето од ризичните категории, лица над 65 години, со хронични заболувања. Во Куманово досега се имунизирани 2.800 лица.

„Во утрешниот ден очекуваме да пристигнат и комерцијалните вакцини коишто ќе бидат наменети за оние лица кои не ги опфаќаат овие категории“, истакна д-р Јадранка Стаменковска, епидемиолог ЦЈЗ.

Министерството за здравство набави 80.000 дози на вакцини. Институтот пак располага со сите неопходни реагенси.

Освен вакцинацијата против сезонски грип, апелот на здравствените работници овој период е и да се внимава на личната хигиена, да се внесуваат повеќе витамини.

Елена Георгиевска