Претставени делата од колонијата „Прилепски кринови“
Мермерот не е само економија. Од него се создава уметност. Македонската компанија за преработка на мермер и гранит „Крин КГ“ четврта година ги собира скулпторите од Србија и од Македонија кои создаваат уникатни форми и мозаици. Камената колонија е насловена „Прилепски кринови“...

Го облагородуваат мермерот. Од украсниот камен создаваат уметност. Скулпторите-учесници на меѓународната Камената колонија „Прилепски кринови“ пред прилепската публика ги претставија своите дела камени мозаици, скулптури. И каменот има душа кога се обликува во форма, велат.
„Овде работев со своите колеги скулптори и мозаичари. Прв пат сум на една ваква колонија. Интересна камена колонија. Посебно ми е мило што можев да учествувам и да ја следам работата на скулпторите“, вели Славица Ердељановиќ-Цурк, уметник од Србија.
Камената колонија по четврти пат се одржа под покровителство на прилепската и македонска компанија за производство и обработка на мермер и гранит „Крин КГ“. За четирите години создавале 25 уметници од Србија И Македонија.
„Изработив скулптура во мермер „Сивец“. Деновите беа супер, исполнети со работа, дружење, комуникација, размена на различни искуства“, вели Александра Богоеска, вработена во „Крин КГ“ и уметник.
„Оваа колонија заслужува внимание и им препорачувам на моите колеги и на останатите уметници да се пријават бидејќи од оваа колонија ќе понесат незаборавни спомени на дружење и убавина. Или како што велите вие, на красота“, вели Предраг Тодоровиќ, скулптор од Србија.
Изложени се 20- тина дела на сите автори учесници во четирите години. Дел се во галеријата од прилепскиот Центар за култура, а помасивните се на отворено.
Елизабета Митреска
