Украина

Беснее војната во Украина

06.11.2025 15:52

Украинската војска нападна руска рафинерија за нафта во Волгоград, Киев негираше и тврди дека имало контранапади за уништување на непријателот...

Украинската војска нападна руска рафинерија за нафта во Волгоград, додека експлозии потресоа неколку енергетски објекти. Русија објави дека украинските војници во градовите Покровск и Купјанск биле опколени и повикани да се предадат. Киев негираше и тврди дека имало контранапади за уништување на непријателот.

„Посебно сакам да ја истакнам специјалната единица „Алфа“ која систематски и ефикасно ги уништува руските окупатори и нивната техника во областа на Покровск и во самиот град, но и сите наши единици кои се борат во тој правец, бранејќи ја Доњецката област“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Руското министерство за одбрана ги оцени неговите зборови како целосно губење на контакт со реалноста.

НАТО смета дека Русија останува дестабилизирачка сила во Европа и светот. Алијансата веќе го менува текот на работите во однос на муницијата за да се спротивстави на производството на Русија.

„Опасноста што ја претставува Русија нема да заврши кога ќе заврши оваа војна. Се подготвуваат за долгорочна конфронтација, а ние не можеме да бидеме наивни, мора да бидеме подготвени. До неодамна, Русија произведуваше повеќе муниција отколку сите сојузници на НАТО заедно, но повеќе не“, изјави генерален секретар на НАТО -Марк Руте.

НАТО го зајакна своето присуство во источна Европа со испраќање дополнителни мултинационални борбени групи во Романија, Унгарија, Бугарија и Словачка.

Катерина Бојаџиева