Интеграции

Средба Мицкоски - Рокас за извештајот на ЕУ

06.11.2025 18:22

„Ако ги направевме уставните измени, ќе бевме најдобри“ – премиерот Мицкоски е задоволен од извештајот на Европската комисија, но е свесен за предизвиците со правосудството и борбата против корупцијата каде нема напредок. Тој најави дека по изборите, сериозно ќе се зафатат со реформите во овие области, иако, не го дели ставот дека Албанија е пред нас. Евроамбасадорот Рокас го предаде извештајот – укажа на потребата и од реформи и од уставни измени.

„Ако ги направевме уставните измени ќе бевме најдобри, за потоа да добиеме ново вето и повторно да има нови проблеми“, ова е ставот на премиерот Мицкоски кој од евроамбасадорот Рокас го доби извештајот за напредокот во кој повторно се повикува земјава да ги направи уставните измени за внесување на Бугарите во преамбулата. Тој рече дека извештајот не е оценка за една година или за една Влада, туку за континуитетот на реформските процес, и е задоволен од она што стои во документот – вели, во некои области има одреден или ограничен напредок, во некои добар напредок, а во ниту една област нема назадување. Сепак, Мицкоски признава дека во дел од областите има стагнација, како што се владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата, за што се потребни реформи во правосудството.

Премиерот не се согласува со констатацијата дека има други земји што се пред нас. Напротив, тој смета дека Македонија со реформите подобро стои од Албанија, а пред нас е Црна Гора. Амбасадорот Рокас повика земјава да ги направи неопходните чекори.

Премиерот уверува дека Владата е посветено на реформите. Извештајот покажа целосна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и дека земјава останува сигурен партнер.

Марија Котовска