Македонија

Заигра метлата во Скопје, „чистка“ и во јавните претпријатија

07.11.2025 08:25

Од синоќа почна чистењето на сметот во метрополата. На терен, над 100 возила и 800 работници. Течат 72-та часа, по кои Скопје, според најавите на новиот градоначалник, треба да светне во ново руво. Ѓорѓиевски откако вчера ја презеде функцијата од Арсовска, почна чистка и во јавните претпријатија на луѓе кои зеле пари, а не работеле…

Заигра метлата во Скопје. Со над 100 камиони и повеќе од 800 работници почна големата акција за чистење на метрополата. Ќе трае 72 часа. На испомош на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски му пристигна и механизација од други градови и локални самоуправи. Камионите го собираа сметот, цистерните ги миеја улиците и централниот плоштад.

Сега во функција се 40-ина камиони на скопски „Комуналец“, но ќе се набавуваат и нови возила. Почнаа и инспекциските контроли, а Ѓорѓиевски најави дека ќе се постави и временска рамка, од колку до колку часот граѓаните ќе може да одлагаат отпад.

Паралалено со акцијата почна и „чистката“ во јавните претпријатија – избркани се лица кои не работеле, а зеле пари, но, првиот работен ден на Ѓорѓиевски отвори и сомнеж за криминал во ЈП „Комунална хигиена“.

Ѓоргиевски ја презеде функцијата од Арсовска, која му посака среќа во работата. Потоа, тој ги отстрани рампите на влезот во административните простории, најави реорганизација на јавните претпријатија, како и крај на голготата со јавниот превоз. Во оптек ќе бидат пуштени 60-ина автобуси, ќе се прави и брз ребаланс на буџетот за реализација на нови проекти.

Викторија Милевска