НОБ

„Летај Галебе“ – Гала концерт во чест на Кире Костов

07.11.2025 08:59

Голем број познати имиња од забавната музика, на Гала-концерт, ќе му оддадат почит на човекот кој ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – единствениот маестро Кире Костов...

Голем број познати имиња од забавната музика, на Гала-концерт, ќе му оддадат почит на човекот кој ги создаде едни од најубавите хитови и за нив напиша повеќе од 700 композиции – единствениот маестро Кире Костов.

Kонцертот насловен „Летај Галебе“, ќе се одржи во Националната опера и балет, на 11-ти ноември, во 20 часот, во режија на Дејан Пројковски, а под диригентската палка на Сашо Тататрчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов, ќе настапи и голем камерен оркестар, а ќе го водат Живкица Каленикова и Огнен Јанески,  велат од „Баги комуникации“, организатори на концертот.

На концертот, во чест на големиот маестро ќе настапат Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Sugiya Makonami. Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.

„Ова е важен концерт за нашето семејство, бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Кире беше човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговата енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за нивната посветеност и ангажман“, вели Кармен Костова, академски музичар и пијано педагог, сопруга на маестро Костов.

Во чест на Кире Костов е издадена монографија „Летај Галебе“ на авторите Снежана Анастасова Чадиковска и Марко Коловски, која имаше две промоции, во Битола и Скопје, а имаше и своја уникатна радио промоција на брановите на Радио Бубамара.